EN | MK

(Галерија)

Сонцето што ја храни нашата планета е исто, како и некогаш така и денес. Луѓето се родија на ова парче земја, ги облекоа своите костими и чекореа во нив, танцуваа, свиреа и пееја - оставија белег засекогаш. Луѓето се променија но само во однос на нивните костими, нивните тела, но не и во духот. Духот што ја храни нашата држава Македонија е ист, како и некогаш така и денес. Ние, кои сме свесни за духот во нас од нашите предци, гордо чекориме под едно за сите исто сонце, но сме надалеку поразлични од сите други, поради тоа што го носиме во нас, со кое сме се родиле, од кое нема бегање, со кое гордо чекориме напред и го негуваме нашиот дух Вевчански, Македонски.

Токму на ова парче земја од секогаш се свирело, се пеело, се танцувало - се играло и тоа секогаш од срце, секогаш со душа, секогаш со достоинство при изведбата. Луѓето пееле и играле на свадби и слави, на собори и празници, на жетва и на нива, сватовите на изворот Вевчански, василичарите на сред село, Лазарките по куќите... Токму ваквите традиционални форми на здружување предизвикани од фолклорот и традицијата придонесуваат Вевчанското население уште во 1947 година да го формира првото организирано фолклорно друштво кое зема и учество на 11 Октомвриските свечености во Прилеп и Битола кога ова друштво го добива и првиот официјален документ за неговото постоење, диплома за учество во која диплома ова друштво е оценето од фестивалската комисија како многу добро и пофалено.

Од тогаш до денес никогаш не запрел тапанот силно да чука, зурлите гласно да свират, играорците да танцуваат, а луѓето да им се восхитуваат на нивниот дух и квалитет.

Фолклорниот ансамбал „Дримкол“ се формира во 1973 година под името „ПЕЧАЛБАР“ како здружение на граѓани во кое се здружуваат љубовта, желбата и ентузијазмот кон фолклорот на многу млади луѓе во Вевчани, ентузијасти кои со несебичен самопридонес на Вевчанското население успеваат да го опремат друштвото со инструменти и носии, а со еден сериозен и организиран пристап цврсто застануваат на Македонската фолклорна сцена. Во 1979 година, друштвото го добива името „ДРИМКОЛ“ и од тогаш до денес континуирано и активно работи на негување, развивање и презентирање на сценско уметничките дејности со посебен акцент и внимание кон фолклорната дејност.

Фолклорниот ансамбл „ДРИМКОЛ“ е основата врз која се формира здружението и е најактивна уметничка целина која работи во рамките на КУД „ДРИМКОЛ“ од Вевчани. Токму преку овој ансамбл се врши главната цел на ова здружение, а тоа е негување, развој и презентација на фолклорната уметност во нашата држава и надвор од неа.

Отсекогаш низ годините на постоење, фолклорниот ансамбал ја освојувал публиката со своите сценски настапи, со својата изворна Вевчнаска носија, со својот дух и енергија на сцената, но значаен период за фолклорниот ансамбл „ДРИМКОЛ“ е периодот од 2000 година кога ова друштво започнува да посветува максимално внимание на истражувањето, негувањето и обработката на Вевчанскиот изворен фолклор. Од таквото богато истражување произлегоа кореографските обработки: „Вевчанска лазара“, „Ѓурѓовден“, „Вевчански василичари“, „Вевчански свадбени обичаи“. Токму овие кореографски обработки го закитиа друштвото со три златни плакети, една сребрена и една бронзена и го дефинираа како друштво со посебни карактеристики.

Богатата изворна вевчанска носија, изворните инструменти, изворните кореографии од Вевчанското поднебје го прават овој ансамбл еден и единствен, различен од сите други во Македонија.

Но, покрај изворниот фолклор, на репертоарот на фолклорниот ансамбл се наоѓаат и стилизирани кореографски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава, а за нивна презентација ова друштво располага и со соодветна оригинална и стилизирана носија од горе споменатите региони.

Покрај редовното учество на домашните фолклорни фестивали: „Балкански фестивал“ - Охрид, „Илинденски денови“ - Битола, „Оро без граници“ - Скопје и други домашни фестивали, фолклорниот ансамбал ја презентирал македонската култура и традиција и на многу странски фестивали и тоа: Хрватска, Србија, Црна Гора, Германија, Полска, Турција, Бугарија, Египет, Сардинија, Русија, Украина, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија, Велика Британија, Азербејџан, Чешка...

Благодарение на политиката на КУД „Дримкол“ насочена кон истражување, обработка, негување и презентација на изворниот фолклор како и начинот на кој сето тоа го прави, фолклорниот ансамбл успеа да се вброи меѓу првите пет (5) ансамбли во Македонија и според критериумите на Министерството за култура на Република Македонија ова друштво спаѓа во Друштва од Прва категорија.