EN | MK

Убавината на театарот кој во Вевчани се пренесува од генерации на генерации како жива материја, толку сликовита за публиката е во реалистичниот пристап на актерите кои на штиците од созадвањето до ден денешен ги оживуваат тешките судбини на ликовите кои како и самите нив, ги живееле и живеат од искони до сегашноста. Со голем професионализам, мотив, труд и желба се пристапувало кон секој проект, а се играле дела на големи класични автори. Темите секогаш многу оригинално со посебен дух и енергија, успешно се пренесуваат на публиката низ една реалистична призма на погледите на актерите за кои зборот глума не се пронаоѓа во нивниот начин на актерска игра.           

Се започнува во летото 1939 година, кога се формира и проработува прва драмска аматерска група составена од 14 членови младинци меѓу кои: Јован Србакоски, Трајче Бебекоски, Спасе Шутиноски, Ѓоко Парталоски, Наум Кукоски, Јован Кочоски, Васил Калајџиески, Перо Чочороски, Алимпије Калајџиески, Ристо Велкоски, Атанас Русески. Оваа група работи во рамките на здружението „Св.Василиј Велики“ кое пак се формирало од младинци ентузијасти уште во 1936 година.

Во месец ноември, истата 1939 година, во Вевчани се одигрува и првата театарска претстава и тоа на Македонски јазик, а таа била претставата „Печалбари“ од Антон Панов.

Подоцна, учителите од основното училиште во Вевчани, мошне успешно ја поставиле и прикажале на сцена и драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле и уште многу други нови драмски текстови. Многу високи театарски стандарди во Вевчани поставиле учителите уште во тоа време, а за среќа истите се прифаќаат во целост и се надоградуваат од сите следни генерации кои одлучиле да се занимаваат со театар во Вевчани. 

Во Вевчани, после учителите театарот продолжува да се негува преку младинската сцена  во кој учество земале многу младинци, ученици, но, секогаш со нив и возрасни луѓе. Сето тоа овозможува да се добие еден континуитет во театарската дејност во Вевчани.

Во 1982 година оваа аматерска група си добива и свое име: Патувачки Театар „Поклони се и Падни“, име под кое со голем професионализам, ентузијазам и со силна верба во самите себе и во тоа што го прават, продолжуваат да се редат претстави, да се полнат салите со публика во Вевчани, регионот, низ Македонија и низ СФР Југославија. Во тој период на чело на театарот застанува Анастас Ќушкоски кој своите драмки текстови ги поставува на сцена и тоа многу успешно. Токму со тие претстави, овој театар се закитува со бројни признанија и награди на регионалните драмски смотри, на републички, но со освоени први места за најдобар актер, за најдобра режија, за најдобра аматерска театарска  група театарот се враќал и од државните смотри што се одржувале на ниво на Југославија. Засекогаш ќе останат запаметени претставите од тоа време: „Потоп“ , „Извор и Краста“ , „Панургиј“ , „Силјан Штркот се враќа во базата“ , „Боговите не се на небо“ ...

Во 2001 година раководителот на КУД „Дримкол“ Тошо Чочороски одлучува да го вклучи овој театар да работи во рамките на здружението и за таа цел со млади членови од детската фолклорна група  ја режира претставата „Сомнително лице на Вевчански начин“. Нова млада енергија, нов ентузијазам, нови талентирани генерации  за глума настапуваат на сцената секогаш одговорни пред задачата и со силна желба драмскиот живот во Вевчани никогаш да непрестане.