EN | MK

За Вевчани


(Галерија)

Сместено во подножјето на планината Јабланица, на само 15 км од Охридското езеро, се наоѓа Вевчани - симбол за достојност, непокор, природна убавина и културно историски вредности.

Ова место од Бога создадено, рајско е парче на земјата во кое и бројните ангели од небото, не ретко слегуваат, да се одморат.

Многупати низ историјата, овој сон престорен во јаве, ова, некогаш мало село, а денес самостојна општина, некои неповикани злонамерници, се обидувале да го освојат, да го покорат, за да во ниту еден момент не подлегне на било какви притисоци, дури напротив уште повеќе да се осили и опстои низ векови.

Вевчанци, такви какви што ги создал Господ Бог, отсекогаш биле и продолжиле до ден денешен да бидат чувари и негувачи на нивната богата, култура, традиција, обичаи.

Во сето ова, горе наведено, Вевчанци многупати се истакнале и докажале на дело, а за тоа сведочат и фактите: формирана библиотека со читалиште во далечната 1935 година, прва театарска престава на македонски јазик во наредната 1936 година, формирано фолклорно друштво во 1947 година, развиена градителска култура преку вичните и на далеку познати вевчански мајстори кои долги години наназад работеле во изградбата на познати светски објекти, цркви и манастири во сопственото село, и на крај, фактот што и ден денес е сведок за непрекинат живот и традиција - Вевчанскиот карневал, најстар и најавтентичен карневал на Балканот.

Кој еднаш дошол во овој земски рај, станал пријател на Вевчани, или пак, доколку се докажал во добрите намери, се здобил со статус граѓанин на Вевчани за што добил и пасош, како знак за срдечен пречек и престој на неговите простори.

Вевчани во одреден момент е Република со сопствен грб, знаме, химна, пасош, пари и со сите можни институции потребни за една држава.

Во кој момент Вевчани е држава, само Вевчанците знаат, а доколку сте љубопитни, дојдете, повелете за лично да ви објасниме, а за Вашиот престој ширум се отворени вратите на високо квалитетни хотели, пансиони, ресторани, бидејќи развојот на туризмот е главна определба на оваа општина.

Да се диши чист планински воздух од воздушната бања на 950 км. надморска висина, да се пие чиста изворска вода од надалеку прочуените Вевчански извори, да се јаде еколошки здрава и природна храна одгледувана на вевчанските полиња и планини, да се пешачи по планинските патеките на Јабланица - навистина е реткост.

Реткост е и целата населба, реткост се и самите жители, реткост се и луѓето кои потекнуваат од Вевчани, како на пример Михајло Пупин - светскиот научник, Стојан Размоски - светски академски ликовен уметник, Вера - светски позната холивудска актерка ....

Здраствен дом со 100 вработени, приватни градежни претпријатија, земјоделско-сточарки задруги, текстилна фабрика, пошта, училиште, комунално претпријатие, дом на култура, се објектите кои овозможуваат модерен, културен и самостоен вевчански живот.

Уште многу што има и уште многу што може да се зборува за ова место и убавина, но од пусти страв да не бидеме разбрани како фалбаџии, тука и ќе ја завршиме приказната, за да ја продолжиме доколку дојдете и не посетите, за да лично и се уверите.

Е, па, драги пријатели, радознали посетители на овој веб сајт, Ви благодариме на посетата и простете што не Ве почестивме со чашка вевчанска ракија или вевчанско вино, но тоа засигурно ќе го сториме во Вевчани, Ви ветуваме и Ве очекуваме!