EN | MK

Опстанокот и развојот на едно здружение кое како основна дејност во својата платформа го има прибирањето, обработката и презентацијата на духовната фолклорна уметност-обредите, обичаите, песната и орото, не би можело да се замисли без постоење на сериозен оркестар. Ако играорците се душата на фолклорот, тогаш оркестарот е срцето. Па тогаш, може ли еден живот да се замисли без здраво срце?

Токму еден здрав и сериозен оркестар работи во рамките на КУД „Дримкол“, Вевчани, оркестар кој во себе го има интегрирано изворното со чалгиското, традиционалното со денешното. Таквата комбинација овозможува фолклорниот ансамбл многу успешно да ги пренесе на сцената како изворните кореографии, така и стилизираните.
Желбата секој од нас ја има, но талентот е исто така посебна дарба од Бога без која не може да се замисли едно фолкорно друштво. Ние сме горди на тој дар и поради тоа уште повеќе благодарни кон креатарот на светот работиме за да им дариме на нашата публика што можеме повеќе од изворното, од она што го претставува нашиот народ. Така, првите организирани фолкорни групи во Вевчани од секогаш биле пратени со музика, некогаш по двајца, подоцна по четворица, некогаш со гајди, подоцна со зурли, се така до формирање на оркестарот кој секогаш премило звучи на душата за оние кои го сакаат Вевчани и Македонија.

Оркестарот при КУД. „Дримкол“ е формиран во 1973 година, заедно со самото формирање на фолклорниот ансамбл. На самиот почеток оркестарот броел три члена кои изведувале музика единствено на изворни инструменти: зурли, гајди и тапан. Тоа биле истите музичари кои свиреле за време на празникот Св. Васиљја и на кој изведувале изворни Вевчански ора.

Како со текот на времето Друштвото се развивало, така и оркестарот растел и се развивал, зголемувајќи го интересот кај младите, а со тоа зголемувајќи го и членството, и квалитетот истовремено.
Голема улога во развојот на Оркестарот има поддршката на населението, кое со доброволна финансиска помош од секоја куќа во Вевчани е извршена набака на инструменти за оркестарот и тоа: хармоника, гитара, кларинет, како и озвучување.

Токму од тој момент оркестарот започнува една сериозна и организирана активност работејќи на изучување музички обработки за потребите на фолклорниот ансамбл, а исто така започнува да музицира и самостојно да учествува на разни манифестации од приватен, но и од општествен карактер.

Денес КУД „Дримкол“ поседува сериозен народен оркестар кој брои 10 члена кои музицираат на различни инструменти и кои ги пратат сите ансамбли во Друштвото. Редовно се на сите гостувања на ансамблите било тоа да е во Македонија или во странство, а честопати и посебно учествуваат на многу манифестации и фестивали во земјава и странство.

Оркестарот на Дримкол покрај работата со фолклорните ансамбли, зема учество и во театарските претстави на Патувачкиот театар каде дава голем доприност за автентичноста на претставите, ја пратат и пејачката група Каданка, а започнува да музицира и самостојно да учествува на разни манифестации од општествен карактер, но и од приватен карактер.

Од овој оркестар произлегле значајни музички имиња на Вевчнаската, но и на Македонската музичка сцена кои во својот живот се образувале во оваа насока, а музиката веќе е нивна професија.

Перо Пешиноски

Датум на раѓање: 16.11.1970 година
Член на КУД Дримкол од: 01.10.1978г.
Образование: угостителски техничар – рецепционер
Инструмент: тапан, зурла, хармоника, бас гитара

Крсте Калајџиески

Датум на раѓање: 16.05.1978 година
Член на КУД Дримкол од: 01.10.1992г.
Образование: ветеринарен техничар
Инструмент: тамбура, гитара, бас гитара

Спасе Костојчиноски

Датум на раѓање: 22.11.1977г.
Член на КУД Дримкол од: 01.10.1998г.
Образование: електро техничар
Инструмент: тамбура, ут, зурла, кавал, гитара

Славе Кукоски

Датум на раѓање: 10.11.1984г.
Член на КУД Дримкол од: 01.09.1997г.
Образование: дипломиран правник
Инструмент: кларинет, зурла, кавал


Ѓорѓи Пачоски

Датум на раѓање: 17.02.1984г.
Член на КУД Дримкол од: 01.04.2010г.
Образование: дипломиран шумарски инжињер
Инструмент: кавал

Зоран Радиноски

Датум на раѓање: 03.10.1987г.
Член на КУД Дримкол од: 10.12.2002г.
Образование: магистар по финансии и финансово право
Инструмент: кавал, гајда, зурла, шупелка, дајре

Стефан Попаѓиноски

Датум на раѓање: 03.09.1988г.
Член на КУД Дримкол од: 17.03.2001г.
Образование: музичко образование
Инструмент: тапан, тарабука, дајре