EN | MK

Тие кој не учат, кој го чуваат вистинскиот дух македонски со сите традиции и никогаш незаборавни мигови и големи настани, тие кои се грижат најмногу за минатото преку историјата, сегашноста преку сите настапи создадени од културното друштво во моментот, и за иднината преку децата, се токму тие, Ветераните. Тие на кои сите гордо гледаат кога носиите ги обликуваат и тапанот ги движи, кога се вистински репрезентативци на нашата земја и нашите обичаи. Вистинско светло за досега сето сработено на сите претходни генерации, за една цел, подобро светло на нашата култура и нашата татковина.

Дека фолклорната традиција на Вевчани има големо значење за населбата, зборува и постоењето на групата ВЕТЕРАНИ. Имено, и после завршување со активна работа во друштвото, добар дел од нејзините членови продолжуваат да го негуваат и презентираат богатиот фолклор членувајќи во оваа група.

Оваа група е вистински доказ дека во Вевчани живеат и творат уметници - аматери кои со висок професионализам и одговорност пред традицијата и покрај сите фамилијарни обврски, достојно одговараат на задачите, а со една висока цел: истите да ги пренесат на нивните поколенија.

Фолклорното друштво ВЕТЕРАНИ работи континуирано, земајќи учество во програмата на годишните концерти, како и со постојано учество во настапи во државата и надвор.

Во 2007 година, ВЕТЕРАНИТЕ на Дримкол имаа чест со сопствена програма да го отворат Македонскиот културен центар во Крањ, Словенија, а воедно и да настапат на уште неколку манифестации во рамките на истата турнеја. Ова е само пример за еден сериозен и организиран пристап на чесни и одговорни фамилијарни луѓе кои сакаат да направат нешто повеќе за својот роден крај за и својата држава.