EN | MK

Фестивал на народна култура „Пображење“

Време на одржување: 16-19 Август
Организатор:Здружение Културно Уметничко Друштво „ДРИМКОЛ“
Директор:М-р Тошо Чочороски

Стручен совет:

Проф. Др. Мирјана Мирчевска, етнолог (институт за етнологија и антропологија при универзитет Св . Кирил и Методиј - Скопје),
Проф. Др. Велика Стојкова Серафимовска, етномузиколог (институт за фолклор – Скопје),
Проф. Др. Даворин Трпевски , етнолог (институт за етнологија и антропологија при универзитет Св . Кирил и Методиј - Скопје),
Јовица Блажески, професионален играч и пеач (ансамбл за народи песни и игри на Македонија – Танец)
Наташа Кукоска, етнолог – КУД „Дримкол“ Вевчани

Фестивалот на Народна Култура „Пображење“ Вевчани, започнувајќи од 2011 година, традиционално се одржуваа во периодот од 16 до 19 Август во организација на Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
Фестивалот се случува во пресрет на деновите кога Вевчани ја прославува својата слава во чест на празникот „Преображение Христово“ па токму од тука доаѓа и името на фестивалот „Пображење“.
Фестивалот има посебно значење за организаторот и општината, затоа што покрај збогатувањето на културниот живот во населбата овозможува континуиран развој, зачувување и презентацијата на фолклорот и традицијата во државата, преку еден организиран јавен настан кој истовремено претставува и одличен придонес во збогатувањето на туристичката понуда во Вевчани во летниот период.      

Фестивалот има свој стручен совет кој има за цел да дава допринос кон проблематиката која се обработува на фестивалот преку теренски истражувања, оценувања на настапите на ансамблите учесници, разговори со раководителите на ансамблите учесници на фестивалот и давање насоки за нивно подобрување во работењето како и одржување на работилници, семинари и симпозиуми за време на фестивалот.

На фестивалот учествуваат домашни и странски ансамбли. Фестивалот има  натпреварувачка компонента, за ансамблите кој  презентираат изворен фолклор, а додека ансамблите кои настапуваат со стилизиран фолклор настапуваат  само ревијално. Предност за учество на фестивалот имаат друштва кој негуваат изворен фолклор со цел да се мотивираат друштвата во Македонија да почнат да истражуваат и да го поставуваат на сцена  овој тип на фолклор и полека повторно да се вратат на изворната традиција со цел нејзино зачувување од целосно изумирање.
За најуспешната група која негува изворен фолклор се доделува наградата „Чувари на изворната традиција“.

Третата последна вечер е свеченото затворање на фестивалот „За многу години Пображење“ и  е резервирана за песнопојната традиција на која  учествуваат солисти, групи, состави кој обработуваат изворна музика, но можат да се презентираат и состави кој третираат музика инспирирана од изворната – традиционалната. На оваа вечер се споделуваат со публиката и оценките на стручниот совет за настапите, заклучоците од работилниците и се она што е важно да биде запознаен гледачот се во прилог на едуцирање на гледачите за значењето на народната култура.

На фестивалот земаат учество и сликари кои обработуваат наивна уметност  (уметност инспирирана од фолклорната традиција). За време на фестивалот уметниците  сликаат дела инспирирани од фолклорот и традицијата, дела кои ќе сведочат за фестивалот од таа година, а сликарите ќе ја образложат темата и изложат делото пред јавноста третата вечер на затварањето на фестивалот кога ќе имаат можност и за нивно јавно претставување.