Фестивал на народна култура „Пображење“
Проф. Др. Мирјана Мирчевска
Др Мирјана П. МИРЧЕВСКА, е редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија. Родена е во Подгорица, Р. Црна Гора во 1962 г. Како помлад асистент на Заводот за етнологија е избрана во 1989 г. Дипломирала на Заводот за етнологија на ПМФ, кај проф. д-р Милош Константинов, а постдипломските студии ги завршува на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград каде што магистрира под менторство на академик д-р Петар Влаховиќ, еден од водечките југословенски етнолози. Во 1995 г. ја добила наградата „Боривоје Дробњаковиќ“ за најдобра магистерска работа одбранета на Одделението за етнологија и антропологија на Белградскиот Универзитет. Докторирала на тема од областа на етничките идентитети („Вербални и невербални етнички симболи во Горна Река“), под менторство на проф. д-р Анета Светиева.
Ангажманот во делот на наставна дејност на Институтот за етнологија и антропологија воглавно е од областа на етнологија и антропологија на европски и балкански народи, национална етнологија, теренска етнологија, урбана етнологија и антропологија и антропологија на миграции. Под нејзино менторство дипломирале повеќе од седумдесет студенти, магистрирале четворица, а докторирал еден кандидат. Освен тоа, била речиси во сите комисии за одбрана на магистерски и докторски дисертации кои се одбранети на Институтот за етнологија и антропологија. Покрај на матичниот факултет, Мирчевска повеќе години била ангажирана и за изведување на настава од областа на етнологијата на Филозофскиот факултет на УКИМ, на катедрата по историја (студии по библиотекарство и архивистика) и на Академијата за музички уметности за студентите по етномузикологија. Таа е раководител на втор циклус (мастер) студии на Институтот за етнологија и антропологија и под нејзино менторство се два модула – Етнологија и антропологија на материјална култура и Етнологија и антропологија на идентитет, етничност и етнички процеси. Досега континуирано учествувала во теренски истражувања, предавања, на стручни и научни трибини, семинари, конференции и конгреси во земјата и странство (Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Литванија, Полска, Русија, Србија, Словенија, Турција, Унгарија, Хрватска, Чешка), а во рамките на програмата CEEPUS остварила студиски престој на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.
Нејзиниот научен интерес е од областа на етничките идентитети, етничките симболи, и идентитети во лимитрофни подрачја (македонско-албанскиот пограничен простор), како и теми од материјалната култура, мали етнички и културни заедници, урбана етнологија и антропологија. Последните години особен интерес пројавува за етнолошки и антрополошки теми од периодот на социјализмот и постсоцијализмот. Како самостоен автор објавила 47 стручни и научни трудови од кои 15 во странски списанија и автор е на една монографија. Рецензент е на 12 книги и монографии, стручен редактор на неколку преведени книги, како и учесник во 15 проекти од кои 4 се билатерални и еден со учесници од повеќе држави. На 4 од нив била раководител. Напоредно со оваа актива, таа е член на редакција на списанијата Етнолог и ЕтноАнтропоЗум, член на Комисија за ревизија на елаборати за валоризација на збирки на движно културно наследство при Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство, и член на Рецензентска комисија за нови кореографски постановки во Националниот ансамбал за народни песни и игри – Танец.
Мирјана П. Мирчевска била преседател на Македонското Етнолошко Друштво во два мандати, Раководител на Институтот за етнологија и антропологија исто така во два мандати и член на Универзитетски Сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во период 2010-2016 гoдина.